
Советниците на 12 март ќе расправаат по повеќе од 20 точки, меѓу кои финансиска поддршка, урбан развој, тарифи за такси превоз и програми за 2026 година
Советот на Општина Делчево на 12 март (четврток) ќе ја одржи седмата редовна седница. Седницата ќе започне во 9 часот во Мултифункционалниот центар во Делчево, кој се наоѓа на вториот кат од Спомен-дом АСНОМ Делчево.
Според решението донесено од претседателот на Советот Николчо Стојменовски, на дневниот ред се наоѓаат вкупно 25 точки.
На почетокот на седницата советниците ќе треба да ги усвојат записниците од 4., 5. и 6. седница на Советот.
Меѓу позначајните точки се Предлог-одлуката за давање на трајно користење службени простории на Министерство за внатрешни работи, како и одлуката за донација на парични средства за проектот „Паметно управување со отпад од пакување во Македонија – фаза 2“, кој го реализира ПАКОМАК ДОО Скопје.
Советниците ќе разгледуваат и одлука за воспоставување меѓуопштинска соработка меѓу Општина Делчево и Општина Берово, како и извештај за реализацијата на програмата за поддршка на граѓанскиот сектор во 2025 година.
На дневен ред се и неколку одлуки поврзани со развојни проекти, меѓу кои проекти за развој на урбаните подрачја, намалување на диспаритетите меѓу планските региони и развој на подрачја со специфични развојни потреби.
Советот ќе разгледа и одлука за отстранување на хаварисани, напуштени и нерегистрирани возила од јавните површини во општината, како и утврдување локација за собирачки центар за електричен и електронски отпад.
Пред советниците ќе се најдат и повеќе точки за финансиска поддршка, меѓу кои за Доброволна спасителска служба Осогово, како и финансиска помош за неколку граѓани.
Дополнително, на седницата ќе се разгледуваат и програмите за активностите на месните и урбаните заедници и програмата за култура на Општина Делчево за 2026 година, како и одлука за определување тарифи за авто-такси превоз на патници на подрачјето на општината.
Во последните точки од дневниот ред се предвидени одлуки поврзани со работата на ЈКП Брегалница Делчево, меѓу кои давање согласност на програмата за работа за 2026 година, како и утврдување тарифи за водоснабдување, отпадни води и надоместоци за користење пазарни тезги на градскиот пазар.
Решението за свикување на седницата стапува во сила со денот на донесувањето и ќе биде објавено во „Службен гласник на Општина Делчево“.

Leave a Reply