Спроведена еко-акцијата за почисто Делчево

Во Делчево денес се реализираше еко-акцијата ,,За почисто Делчево”. Акцијата се спроведе во соработка со локалните институции, граѓаните и Јавното претпријатие за комунална дејност ,,Брегалница”, а со истата како што информираа од Општината, беа опфатени неколку локации, како во градот така и во населените места.
 
-Еко-акцијата „За почисто Делчево“ Општина Делчево ја организира во партнерство со сите граѓани, а со истата беа опфатени пешачката патека „Илин камен“, улица „Индустриска“ од мостот до булевар „Македонија“ и улица „Кеј на Брегалница“. Исто така се чистеше дивата депонија кај село Габрово и Ралева Чука. Во акцијата освен граѓани, беа вклучени и ресурси од Јавното претпријатие за комунална дејност „Брегалница“, како и од неколку други институции, информираа од Општина Делчево.
 
Со цел да се зголеми свеста за зачувување на животната средина, апелираа за поголема одговорност од страна на граѓаните.
-Нарушувањето на еко-системот, ѓубрето расфрлано насекаде, дивите депонии кои редовно се чистат и повторно се создаваат, не само што претставуваат опасност по здравјето на сите нас, туку ја нагрдуваат сликата на нашата општина и на нашиот град, кого природата го дарувала несебично со природни раритети и убавини. Затоа грижата за здрава животна средина и чиста околина треба да биде наш приоритет, но и обврска на секој поединец, додадоа од Општината.
 
Инаку, градежна механизација од ЈПКД ,,Брегалница” собраното ѓубре од денешната акција го складираше и транспортираше до градската депонија ,,Острец”.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*