Македонија и Бугарија со заеднички активности на тема „Остани чист, кажи НЕ на корупцијата“

На граничниот премин Делчево-Станке Лисичково денес се реализираа заеднички активности како дел од соработката на Министерствата за внатрешни работи на Македонија и Бугарија како дел од проектот „Остани чист, кажи НЕ на корупцијата“. Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски истакна дека проектот е резултат на една квалитетна соработка на двете министерства.
 
-Во конкретниот случај соработка помеѓу нашиот Оддел за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди и Дирекцијата за внатрешна сигурност при МВР на Р.Бугарија, кои што во насока на интензивирање на билатералната и регионална соработка во областа на превенцијата и борбата против корупцијата уште еднаш покажуваат дека заедничкиот настап и партнерство се клучни како за регионалната така и за националната безбедност на земјите,со заедничка констатација дека корупцијата може да спречи само со заеднички превентивни активности на двата гранични премини, рече Спасовски.
 
Во рамки на активностите за сузбивање на корупцијата, како што додаде министерот Спасовски се работи на изготвување заеднички телефонски број на кој граѓаните од двете земји ќе можат да пријават корупција,
 
-Целта е да ја подигнеме свеста кај граѓаните да пријават корупција. Секој од граѓаните треба да сфати дека јавната безбедност, не е институцијата туку тоа сме сите ние и секој граѓанин, треба да има одговорност во однос на борбата против криминалот и корупцијата. Целта мора да биде, сите на крајот да констатираме дека сме се избориле успешно против корупцијата, дека не сме дозволиле, криминалците и арамиите да ги водат институциите, туку напротив чесните и одговорните луѓе ќе бидат тие кои ќе бидат препознаени во институциите, додаде Спасовски.
 
Тој изрази жалење, што мал дел на вработени во институциите го рушат имиџот и на институциите и на државата во целина.
 
-Конкретно нашиот оддел за внатрешна контрола работи постојано во однос на сузбивањето на корупцијата и други незаконски постапувања. Ние пред три недели во близината на Дебар по дојава, имавме апсење на полициски службеник кој земал мито во текот на своите законски овластувања. Имавме пред два месеци контрола од Одделот на внатрешна контрола и професионални стандарди на граничен премин „Богородица“, каде и таму успеавме да сузбиеме систем на корупција, по што имаше приведување на неколку цариници на граничен премин, така да тоа покажува дека ние како Министерство за внатрешни работи сме подготвени во една неселективна борба против корупцијата, која треба да биде поткрепена и од граѓаните но и од медиумите кои ја имаат клучната улога за зголеување на свеста кај граѓаните во однос на оваа појава, истакна Спасовски.
Преку ваквите заеднички активности, како што истакна бугарскиот министер Младен Маринов на многу полесен начин се откриваат недозволените активности на граничните премини.
 
-Во многу заеднички акции, покажавме дека има многу случаи кога имаме откриено практики со индиции на корупција, што значи дека откривањето на таква корупциска практика е добра за имиџот на министерството и покажува дека со овој проблем се бориме успешно, рече Маринов.
 
Во склоп на акцијата, на полициските службеници им помагаа студенти во завршните години на Факултетот за безбедност при Универзитетот Св. „Климент Охридски“ Битола, кои го делеа едукативниот материјал, информирајќи ги патниците за начинот и можностите за пријавување корупција сторена од службени лица и во двете држави.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*