Здружението „Про Анима“ алармира за ситуацијата со кучиња скитници во Делчево

Во текот на денешниот ден од страна на Здружението Про Анима од Берово кое делува на поширокото подрачје во Источниот регион ни пристигна соопштение како реакција за состојбата со зголемениот број на кучиња скитници во Делчево.

Текстот интегрално го пренесуваме во целост:

-Здружението за заштита на животните Про Анима Берово сака да изрази загриженост за ситуацијата во градот Делчево. Всушност, видеата снимани во текот на вчерашниот ден, предизвикуваат голема доза на загриженост и се повод за активирање на аларм кај надлежните. Сведоци сме дека, кога и да има некоја ваква несакана ситуација, многу често граѓаните ги прозиваат здруженијата за заштита на животните, дали поради недуцираност за вистинската надлежност за решавање на проблемот, или пак таквите настани се користат како мотив за напад врз нашите заложби за хуман третман на животните, па поради тоа должни сме, уште еднаш да укажеме на фактот дека ние како здруженија се залагаме и придонесуваме самоиницијативно да нема улични кучиња во ниту една Општина и проблемот да се реши трајно – со цел да се гарантира безбедноста и заштитата на граѓаните.

Во едно да бидете апсолутно сигурни – и ние не сакаме да има бездомни кучиња по улиците! Ако некаде треба и мора да ја барате одговорноста за овој заеднички проблем, кој апсолутно не засега сите, јавноста мора да знае дека не ни се проблем здруженијата, а најмалку животните – туку инситуциите. Не можеме а да не констатираме, за жал, дека на институционално ниво работењето на решавање на проблемот стагнира, па дури и не постои. Локалните власти, иако единствено надлежни, многу пати покажаа незнаење, немање волја, неспособност да го решат проблемот на нивните граѓани. А што е најстрашно никој и никогаш ги нема повикано на одговорност поради тоа.

И тоа не е проблем само во Делчево. Кој е изворот на проблемот? Пред се, ние како Здружение, цело време укажуваме на проблемот на неодговорно сопствеништво и ќе укажуваме и во иднина затоа што неспорно е дека токму тоа е извор на проблемот. Но што со тоа? Дали има изречено казна за некој од неоговорните сопственици? Дали има изречено барем предупредување, советување, едукација? Дали службите вршат контрола на таа појава? Знаци, со еден збор граѓаните се соочуваат со проблем кои самите тие го создаваат со своето поведение. А институциите од друга страна го толерираат таквото противправно и недозволено однесување.

Иако нашите активности се претежно на територијата на Општина Берово и делумно Општина Пехчево и не ја познаваме доволно фактичката состојба во Делчево, немаме сомнение, искуството ни говори, дека повеќе од половината од кучињата снимени вчера имаат некој таков неодговорен сопственик. Кога ние ќе научиме како се чува куче? Дека куче не се чува на улица? Дека не се пушта “да се прошета”? Затоа потребно е дефинирање на одговорното сопствеништво, казни за неодговорните сопственици кои дозволуваат миленикот да престојува на јавен простор без нивно присуство, најстроги казни за напуштање и неконтролирано размножување на милениците, оданочување и контрола на секој кој тргува со животни, задолжителна стерилизација и кастрација на сопственичките кучиња, како и масовна и брза стерилизација и кастрација на бездомните кучиња.

Всушност на видеото на кое сите ние сведочевме, станува збор за женска единка во циклус (нестерилизирана) која се движи низ градот и поголем број на кучиња, мажјаци (некастрирани), кој поради тоа ја следат. Да беа истретирани, немаше да одат во чопор и да се тепаат помеѓу себе за женката. Прашајте ја општината кои се нивните активности во насока на решавање на проблемот? Дали имаат склучено договор за заловување и третман на бездомни кучиња? Доколку имаат колку се истретирани? Доколку не, кога истекол последниот договор и кои се резултатите од истиот? Дали е точна информацијата дека Општина Делчево долги години наназад нема склучено договор? Веруваме дека податоците кои ќе ги добиете се поразителни и разочарувачки. Што е итно потребно? Во најбрз можен рок да се направи селекција, односно поделба кои се сопственички кучиња а кои бездомни! Едноставно е, сопственичките да се регистрираат и контролираат, а бездомните да се истретираат! Свесни сме ваквите слики и настани предизвикуваат револт кај населението кој ние целосно го разбираме, но не смее да се посегнува по противзаконски, нехумани методи како убивања или труења на животните, бидејќи тоа нема да го реши проблемот. На ниво на цела држава континуирано се трујат и убиваат животните со години наназад, не гледате ли дека со тоа само се продлабочува проблемот, дека тоа не е решение? Затоа што од друга страна, загриженост предвизвикува и појавата на масовно труење на бездомните кучиња во Делчево во последниот период.

Улиците на Делчево сведочат на масовен помор на животни, грозоморие и умоболие со кое ние граѓаните се соочуваме во 21 век. Кога труењето добива епитет на масовно, често укажува на организирани активности, па ја користиме оваа прилика да упатиме апел до надлежните конечно да почнат со превземање на мерки со цел пронаоѓање и санкционирање на сторителите. Потсетување дека поставувањето отрови е кривично дело. Апелираме општинските власти да покажат поголема стручност, посветеност, подолгорочни заложби проблемот може да се сведе на минимум.

Можеби и треба да го слушнете гласот на ПРО АНИМА, но и на сите здруженија кои препорачуваат проверени мероди зарешавање на овој горлив проблем. Ние стоиме на располагање, доколку е потребно.

Здружение за заштита на животните ПРО АНИМА Берово

Линк за проверка кога последен пат општината има склучено договор за заловување на кучиња скитници e-nabavki.gov.mk

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*