Советот за развој на Источно-плански регион во Делчево усвои важни одлуки од регионално значење

Делчево денес беше домаќин на 6-тата седница на Советот за развој на Источно-плански регион. На седницата присуствуваа градоначалнниците на општините кои потпаѓаат под Источно-планскиот регион, а на истата како што информираше претседателот на Советот и градоначалник на Штип, Иван Јорданов едногласно се донесоа повеќе важни одлуки, меѓу кои и предлог листата за рамонемерен регионален развој и проектите од регионално значење.

Со овие проекти како што додаде Јорданов, општините имаат аплицирано заради можноста истите да бидат финансирани од страна на Бирото за рамномерен регионален развој. 

-Предлог листа е едногласно усвоена, а на истата како приоритет се утврди да биде проектот на Општина Пехчево, потоа следуваа проектите на Кочани и Пробиштип, Карбинци и Штип, Зрновци, Виница и проектот на Општина Чешиново-Облешево. По едногласното усвојување, предлог листата ќе биде пратена на усвојување и рангирање од страна на комисијата за Локална самоуправа, со што ќе може да се одлучи кој од овие проекти ќе бидат целосно финансирани, рече Јорданов.

На Седницата беше разгледан и извештајот за одржаната Регионална форумската сесија и проектите кои ќе бидат финансирани од страна на Швајцарската агенција за развој и соработка.

-Како дел од оваа активност имаме три проекти во кои рангирањето за прв проект е дадено на проектот на Општина Штип за изградба на авантуристички парк, втор проект е проектот за селекција на отпад, кој што опфаќа 6 општини и последен е проектот за уредување на речното корито на река Брегалница во Делчево. Проектите ќе одат на разгледување на комисија составена од претставници на Швајцарската агенција за развој и соработка и локалната самоуправа. Дополнително во текот на месец јули се очекува да се донесе одлука за истата, додаде Јорданов.

Пехчевскиот градоначалник Александар Китански изрази задоволство што проектот за реализација на втора фаза за изградба на спортско-рекреативен центар ,,Равна Река” во Пехчево беше изгласан како приоритетен.

-Со реализација на проектот очекуваме да добиеме еден убав и квалитетен спортски комплекс кој ќе биде од огромна важност за целиот источно-плански регион, но и за целата држава. Уште еднаш благодарност до сите градоначалници, што ја дадоа поддршката за проектот да се најде на листата како најприоритетен проект, рече Китански.

За градоначалникот на Делчево Горан Трајковски од особена важност е што преку шемата за грантови Општина Делчево учествува со проектот за регулација на речното корито на река Брегалница.

-Проектот е со поголема финансиска конструкција од околу 32 милиони денари за кој се надеваме дека и Националниот совет, односно комисијата која ќе одлучува, ќе го означи нашиот проект како приоритетен и ќе биде финансиран, со што ќе може речното корито во централното градско подрачје да биде уредено, рече Трајковски.

Раководителката на Центарот за развој на Источно-планскиот регион, Зуица Ангелова додаде дека вкупната вредност на сите 6 проекти се во вредност од 72 милиони денари, од кои поголем дел ќе бидат кофинансирани од општините како грантови корисници.

Меѓу проектите кои ќе чекаат зелено светло за реализација се и проектите за реконструкција на Сината сала за развој на манифестациски туризам во Виница, реализација на втората фаза за изградба на колекторски систем во село Соколарци, проектот за подобрување на водоснабдувањето во Општина Зрновци, проектот за унапредување на спортско-рекреативниот туризам на Пониква и проект за унапредување на туристичката инфраструктура и електрификација на локалитетот ,,Баргала”.

Изјави по завршување на седницата ТУКА

За текот на Седницата на видеата во продолжение:

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*