Хуманитарците Кико, Драган, Дејан, Трајче и Ендрју пристигнаа во Македонија, мисијата Black Cab – Europe Charity Trip успешно реализирана

Групата Македонци кои живеат во Велика Британија пристигнаа на македонскиот граничен премин кај Делчево, како последна станица во рамки на хуманитарната иницијатива Black Cab – Europe Charity Trip. Со популарното такси возило ,,Black Cab” петмината ентузијасти пропатуваа низ 15 европски  земји за 10 дена меѓу кои Англија, Германија, Холандија Швајцарија, Словенија и поголем дел од државите од поранешна Југославија, за да ја пренесат пораката на хуманост и поддршка во заедницата. 

-Секаде бевме добро пречекани, планот сега е да останеме малку во Делчево да продолжиме кон Св.Николе потоа и Кавадарци, Струмица и Скопје,  но прво да се стабилизираме малку да си поверуваме дека сме во Македонија, истакна делчевецот Кико Маневски по потекло од делчевско Тработивиште.

Во заедничкото патување со хуманитарна мисија освен Маневски учествуваа и кавадарчанецот Трајче, Дејан од Свети Николе, британецот Ендрју и Драган од струмичко Ангелци. Главната цел како што додаде Маневски е да се соберат средства за поддршка на таканаречената авио-амбуланта во Лондон и Домот за деца без родители во Македонија.

-Пораката е значи да направиме нешто различно, свесни сме дека не можеме многу да направиме, но сакаме да ги поттикнеме и другите секој по малку да помогне онаму каде што може. Се разбира и да внесеме малку позитивност во нашите животи и опкружувањето, додаде Маневски.

Британецот Ендрју се заблагодари за гостопримството, љубезноста и поддршката од луѓето во сите земји каде престојувале за време на нивната мисија.

-Благодарност за тоа што ги следевте нашите активности, до сите кои донираа, кои ни помогнаа во одредени ситуации и за целата љубезност која ја имавме во текот на ова патување, рече Ендрју.

Македонците ентузијасти кои вечерва ќе присуствуваат на промоцијата на книгата ,,Лондонски хоризонти” од Васил Маневски, најавија дека ваквата мисија ќе продолжи и во наредниот период, очекувајки да им се придружат уште повеќе ентузијасти, како од Македонија, така и од другите европски земји.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*